Општи услови

Датум на објава: 11.06.2015

ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ЗАСНОВАЊЕ КОРИСНИЧКИ ОДНОС И КОРИСТЕЊЕ НА ИНФОРМАТИЧКО КОМПЈУТЕРСКИ УСЛУГИ (ИКУ) НА НЕОКОМ АД СКОПЈЕ

Содржина

1. Oсновни одредби
2. Договорни страни
3. Информатички компјутерски услуги
4. Засновање на кориснички однос
5. Цени и надоместоци за користење на услугите
6. Прекин на пристап кон Информатичко компјутерските услуги
7. Останати услуги
8. Права, обврски и одговорности на договорните страни
9. Собирање, чување и обработување на податоци на Корисникот
10. Политика на фер користење (fair use policy)
11. Траење и раскинување на договорот
12. Жалби и приговори од страна на корисник
13. Разрешување спорови
14. Виша Сила
15. Завршни одредби
16. Влегување во сила

1. Oсновни одредби

1.1 Вовед

Општите услови за пристап и користење на информатичко компјутерските услуги (во понатамошниот текст: Општи услови) на Друштвото за информатички инженеринг Неоком АД увоз-извоз Скопје (во понатамошниот текст: Неоком АД Скопје), ги содржи, утврдува и регулира општите услови на Договорот за засновање на кориснички однос за обезбедување на информатичко компјутерските услуги (во понатамошниот текст: Договор), вклучувајќи ги правата и обврските на Договорните страни.

Овие Општи услови се во согласност со законските прописи, регулативи и правила на Република Македонија.

Неоком АД Скопје има право во секое време да направи измени или надополнувања на Општите услови, согласно законските регулативи.

Како составен дел на овие Општи услови се сметаат Договорот, Анексите како и сите останати пишани и електронски барања и записи од евиденцијата на Неоком АД Скопје, доставени и потпишани од страна на Корисникот.

Овие Општи услови стапуваат на сила на денот на донесување од страна на Генералниот Директор на Неоком АД Скопје. Истите ќе се применуваат од денот на нивното објавување на веб страната neocloud.mk и ќе се однесуваат на сите Корисници на Информатичките компјутерски услуги на Неоком АД Скопје.

1.2 Предмет

Со овие Општи услови, детално се регулираат условите кои се содржани во Договорот склучен помеѓу Неоком АД Скопје како давател на услуга од една страна и Корисникот како краен корисник од друга страна (во понатамошниот текст: Договорните страни). Сите односи кои не се регулирани со овие Општи услови, ќе бидат регулирани со важечките закони и прописи на Република Македонија.

Основа за засновање на кориснички однос за користење на Информатичко компјутерските услуги на Неоком АД Скопје е склучување на Договор помеѓу Договорните страни. Предмет на Договорот е уредување на правата, обврските и одговорностите помеѓу Договорните страни кои се регулирани со посебни услови во согласност со двете Договорни страни.

1.3 Обезбедување на услуги

Неоком АД Скопје обезбедува информатичко компјутерски услуги (во понатамошниот текст ИКУ) во согласност со законските прописи, регулативи и правила на Република Македонија.

Услугите кои ги нуди Неоком АД Скопје се достапни за сите правни и физички лица, според недискриминаторски, објективни и транспарентни услови и рокови, освен во случаи на технички ограничувања и капацитети. Неоком АД Скопје гарантира дека нема да одбие ниту едно барање од лице кое е подготвено да ги прифати и почитува сите услови и рокови кои се поставени од страна на Неоком АД Скопје.

Неоком АД Скопје е должен на Корисникот да му обезбеди квалитетно и непрекинато користење на услугите соодветно на неговите капацитети и нивото на технолошкиот развој на неговата инфраструктура, како и согласно применливите законски акти, правилници и регулативи во Република Македонија.

Неоком АД Скопје не врши пренос на податоци надвор од територијата на Република Македонија.

При обезбедување на информатичко компјутерските услуги, Неоком АД Скопје не користи подизведувачи.

1.4 Дефиниции 

Договорот за засновање на кориснички однос за обезбедување на ИКУ технологии – договор потпишан од двете договорни страни, во кој се наведени сите задолжителни елементи за користење на ИКУ услугите на Неоком АД Скопје, согласно важечките закони и прописи на Република Македонија.

Давател на Информатички компјутерски услуги – правно лице што обезбедува Информатички компјутерски услуги без да поседува инфраструктура.

Корисник – секое правно или физичко лице што за користење на услугите склучува кориснички договор за определен вид на Информатички компјутерски услуги.

Краен корисник – физичко или правно лице, кое ги користи Информатичките компјутерски услуги исклучиво за сопствени потреби и нема право да обезбедува Информатички компјутерски услуги кои ги обезбедува Неоком АД Скопје како краен корисник за трети лица.

Cloud computing – е модел кој овозможува едноставен мрежен пристап по потреба, до сеприсутен збир на заеднички и лесно прилагодливи компјутерски ресурси (на пр. мрежа, сервери, дисков простор, апликации и други услуги) кои можат брзо да бидат доделени и одземени со минимален управувачки напор или интеракција на провајдерот.

Приватен Cloud – Cloud инфраструктура е предвидена за ексклузивно користење од страна на една компанија, која може да се состои од повеќе потрошувачи (пр. деловни единици). Истата може да биде во сопственост, раководена и управувана од страна на: самата организацијата, од трета страна, или комбинација од двете, и согласно тоа може да егзистира во рамките на компанијата, но и надвор од неа.

Community Cloud – овој тип на инфраструктура е предвиден за ексклузивно користење од страна на специфична група на корисници од некоја организација кои работат на некои заеднички проблематики (пр. мисија, безбедносни барања, политика). Истата може да биде во сопственост, раководена и управувана од страна на: една или повеќе организации во самата заедница, од трета страна , или комбинација од двете, и согласно тоа може да егзистира во рамките на компанијата но и надвор од неа.

Јавен Cloud – претставува Cloud инфраструктура предвидена за отворено користење од страна на пошироката јавност. Може да биде во сопственост, раководена и управувана од страна на бизнис, академска или владина организација, или комбинација од нив. Таа е поставена во самите простории на провајдерот на услугите.

Хибриден Cloud – претставува Cloud инфраструктура која претставува спој на две или повеќе различни cloud инфраструктури (приватна, јавна или заедничка) кои остануваат како уникатни субјекти, но се поврзани заедно со стандардизирана или некоја сопствена технологија која овозможува податочна и апликациска преносливост (пр. cloud bursting за балансирање на оптовареност (Load Balancing) помеѓу cloud инфраструктури).

Време на прекин на услуга – времетраење помеѓу препознавање (известување) на грешката до моментот на повторно воспоставување на услугата.

SLA – Договор за ниво на услугата. Во зависност од услугата загарантираното ниво може да варира.

NDA – Договор за доверливост. Овој договор ги регулира меѓусебните односи помеѓу Неоком АД Скопје и Корисникот во поглед на доверливоста на информациите кои произлегуваат од основниот договор.

2. Договорни страни

Со Договорот се уредува односот помеѓу договорните страни, Неоком АД Скопје – како давател на Информатички компјутерски услуги од една страна и Корисникот како краен корисник на Информатички компјутерски услуги, од друга страна.

2.1 Давател на услуга

Целосниот назив на Давателот на услуга е Друштвото за информатички инженеринг Неоком АД увоз-извоз Скопје, со скратен назив Неоком АД Скопје, со седиште на бул. Кузман Јосифовски Питу бр. 15 Скопје.
 
Друштвото е основано на неопределен период на постоење. Истото има права, обврски и одговорности согласно Статутот и Законот. Неоком АД Скопје има едностепенсистем на управување. Организационата структура на Неоком АД Скопје е Акционерско Собрание на друштвото и Одбор на директори. Неоком АД Скопје е раководено од Главен извршен директор, кој е избран од страна на одборот на директори.

2.1 Корисник

Корисник на услугите на Неоком АД Скопје може да биде секое физичко или правно лице што за користење на услугите склучува Договор со Неоком АД Скопје за добивање на определен вид Информатички компјутерски услуги.

2.1.1 Физичко лице

Физичко лице во смисла на овие Општи услови е граѓанско лице што поседува правна и деловна способност и кое има склучено Договор за користење на Информатички компјутерски услуги.
 
Корисник на Информатички компјутерски услуги на Неоком АД Скопје може да биде и странско физичко лице кое има дозвола за привремен престој во Република Македонија, доколку покрај другите потребни документи достави парична гаранција за исполнување на обврските согласно Договорот (точка 4.2.1 ).

2.1.2 Правно лице

Правно лице може да биде едно лице или здружување на две или повеќе лица чие работење, основање и организација се уредени со одредби на закон. Правното лице се стекнува со овој статус на денот на регистрирање во трговскиот регистар.
 
Доколку согласно овие општи услови, Правно лице сака да биде корисник на Информатички компјутерски услуги на Неоком АД Скопје, треба да гарантира дека против него не е поведена предстечајна или стечајна постапка или постапка за ликвидација.
 
Физичките лица што се занимаваат со слободни дејности (адвокати, лекари, нотари, сметководители, и други), согласно со овие Општи услови, се сметаат за правни лица (точка 4.2.1).

2.1.3 Правно лице со посебен статус

Странско правно лице или меѓународна организација или мисија може да биде Корисник доколку достави докази за својата регистрација кај надлежните државни органи во Република Македонија и/или доколку за исполнување на обврските за плаќање според Корисничкиот договор, гарантира тој или соодветно странско дипломатско претставништво. Исто така, потребно е да се достави доказ (полномошно) од страна на барателот дека е овластен претставник (точка 4.2.1).

2.1.4 Корисници од странство

Корисник на услугите на Неоком АД Скопје, може да бидат и правни и физички лица кои не се државјани на Република Македонија. Процедурата и правилата за склучување на Договор е потполно иста и кај странските државјани. Документите кои странските државјани ќе треба да ги достават до Неоком АД Скопје при потпишување на Договор се наведени во точка 4.2.1.
 
Наплатата на месечната фактура ќе се одвива авансно. Условите за плаќање, ќе бидт точно прецизирани во Анексот кон Договорот.

3. Информатички компјутерски услуги

3.1 Модели на Информатички компјутерски услуги

Неоком АД Скопје може да ги обезбеди следниве видови на услуги:

  • Софтвер како сервис (SaaS)
  • Платформа како сервис (PaaS)
  • Инфраструктура како сервис (IaaS)

3.1.1 Инфраструктура како сервис (Infrastructure as a Service – IaaS)

Инфраструктура како сервис (Infrastructure as a Servise – IaaS) – Доделената услуга на корисникот му обезбедува процесирање, дисков простор, мрежа и други фундаментални компјутерски ресурси каде корисникот е во можност да поставува и извршува произволен софтвер, кој може да вклучува оперативни системи и апликации. Корисникот не ја управува и не ја контролира постоечката cloud инфраструктура, но има контрола над оперативниот систем, дисковиот простор, и поставените апликации и можна ограничена контрола над одбрани мрежни компоненти (пр. Firewall, load balancer, antivirus итн.).

3.1.2 Софтвер како сервис (Software as a Service – SaaS)

Софтвер како сервис (Software as a Service – SaaS) – Доделената услуга на корисникот е користење на апликации кои се во сопственост на провајдерот и кои работат на cloud инфраструктура . Апликациите можат да се пристапат преку различни tick или преку thin “тенки” клиентски уреди дополнително користејќи веб прелистувачи (пр. веб базиран e-mail) или некој програмски интерфејс. Корисникот не ги управува или контролира основите на cloud инфраструктурата вклучувајќи мрежа, сервери, оперативни системи, дисков простор или индивидуалните можности на апликацијата, со исклучок на некои специфични кориснички подесувања во самата апликација.

3.1.3 Платформа како сервис (Platform as a Service – PaaS)

Платформа како сервис (Platform as a Service – PaaS) – Доделената услуга на корисникот му овозможува да изработува сопствени апликации или развива превземени апликации креирани со помош на програмски јазици, библиотеки, сервиси и алатки поддржани од страна на провајдерот. Корисникот не управува и не ја контролира постоечката cloud инфраструктура вклучувајќи мрежа, сервери, оперативни системи, или дисков простор, но има контрола над поставените апликации и можни конфигурациски подесувања за околината во која апликацијата е хостирана.

3.2 Модели на изведба

Неоком АД Скопје може да ги обезбеди следниве модели на изведба:

  • Приватен cloud
  • Community cloud
  • Јавен cloud
  • Хибриден cloud

3.2.1 Приватен cloud

Приватен Cloud е Cloud инфраструктура која е предвидена за ексклузивно користење од страна на една компанија, која може да се состои од повеќе потрошувачи (пример деловни единици). Истата може да биде во сопственост, раководена и управувана од страна на: самата организацијата, од трета страна, или комбинација од двете, и согласно тоа може да егзистира во рамките на компанијата но и надвор од неа.

3.2.2 Community cloud

Овој тип на инфраструктура е предвиден за ексклузивно користење од страна на специфична група на корисници од некоја организација кои работат на некои заеднички проблематики (пример мисија, безбедносни барања, политика). Истата може да биде во сопственост, раководена и управувана од страна на: една или повеќе организации во самата заедница, од трета страна, или комбинација од двете, и согласно тоа може да егзистира во рамките на компанијата но и надвор од неа.

3.2.3 Јавен cloud

Јавен Cloud претставува Cloud инфраструктура предвидена за отворено користење од страна на пошироката јавност. Може да биде во сопственост, раководена и управувана од страна на бизнис, академска или владина организација, или комбинација од нив. Таа е поставена во самите простории на провајдерот на услугите.

3.2.4 Хибриден cloud

Хибриден Cloud претставува Cloud инфраструктура која претставува спој на две или повеќе различни cloud инфраструктури (приватна, јавна или заедничка) кои остануваат како уникатни субјекти, но се поврзани заедно со стандардизирана или некоја сопствена технологија која овозможува податочна и апликациска преносливост (пример Cloud bursting за балансирање на оптовареност (Load Balancing) помеѓу cloud инфраструктури).

3.3 Промени на услугите

Неоком АД Скопје го задржува правото, во секое време да направи измени на постоечките услуги, да воведе нови услуги на услугите, да го модифицира начинот на користење на постоечките услуги. За направените измени Неоком АД Скопје е должен во рок не пократок од 30 (триесет) дена пред измената да стапи на сила, да ги извести своите Корисници. Доколку Корисникот не се согласува со направените измени има право да го раскине Договорот без право на никаков надомест.

3.4 Користење на Информатички компјутерски услуги

Со склучување на Договор, Корисникот се стекнува со право на користење на услугите кои ги обезбедува Неоком АД Скопје, согласно услугата која ја избрал Корисникот. Исто така, со самото потпишување на Договорот, Корисникот потврдува дека е запознаен со Општите услови на Неоком АД  Скопје.
 
Корисникот може да одбере да користи повеќе Информатички компјутерски услуги истовремено.
 
Кога Корисникот потпишува Договор за определена услуга која во тој момент е на специјална промотивна понуда која трае определен временски период, Корисникот нема право да го менува пакетот на услугата кон пониско ниво, во периодот додека важи специјалната промоција. Неоком АД Скопје го задржува правото да ги менува специјалните понуди, нивниот назив, условите и времето на кое истите важат.

3.5 Најава за користење на услугите

Најавата на neoCloud услугите и сите пропратни системи, се извршува со единствено корисничко име и лозинка. За секоја услуга и дополнителните системи (како техничка поддршка и слично), се користат веб портали, сите обезбедени преку https или друг вид на енкрипција.

При провизионирање на услугите од системот на neoCloud се испраќа електронска пошта до Корисниците која содржи корисничко име, лозинка и линк за активација на корисничкиот профил. Активацијата се извршува на password management системот (https://support.neocloud.mk/pwm), каде при првата најава, Корисникот мора да дефинира сопствена лозинка составена согласно политиката за лозинки на Неоком, односно да содржи најмалку 8 (осум) карактери (голема буква, мала буква, број и специјален карактер), со времетраење од максимум 60 (шеесет) дена. При тоа, Корисникот при менување на лозинката не може да ги користи последните 2 (две) лозинки.

При истекот на лозинката, заборавено корисничко име или лозинка, се користи password management системот на neoCloud.

4. Засновање на кориснички однос

4.1 Услови за засновање кориснички однос

Основа за засновање на кориснички однос за користење на услугите на Неоком АД Скопје е писмен договор за обезбедување пристап кон Информатички компјутерски услуги кои ги нуди Неоком АД Скопје. Покрај главниот текст на Договорот, како негов составен дел се и следните документи:

  • Барање за засновање на Кориснички договор (во понатамошниот текст: Барање)
  • Анекси кон Договорот, со кој се дефинира одбраната услугата (во понатамошниот текст: Анекс)
  • Сите дополнителни поднесени обрасци, додатоци и прилози кон Договорот кои Корисникот ги пополнува во текот на траење на корисничкиот однос, менување на моделот на услугата, обнова на минимално времетраење на договорна обврска и слично, доставени по писмен или електронски пат;
  • Овие Општи услови

4.2 Барање

За засновање Кориснички однос со Неоком АД Скопје, Корисникот треба да поднесе Барање на пропишан образец (формулар) до Неоком АД Скопје или до овластено лице на овластените продажни места на Неоком АД Скопје или пак, по електронски пат. Доколку истото биде одобрено од страна на Неоком АД Скопје, Корисникот ќе потпише Договор за саканата услуга. Со поднесување на Барање, се смета дека Корисникот ги прифаќа условите за користење на Информатички компјутерски услуги на Неоком АД Скопје. Барањето претставува составен дел од Договорот.
 
Барањето мора да ги содржи сите барани податоци. Истото ќе се смета за уредно поднесено, од денот кога истото било уредно пополнето, комплетирано со сите неопходни податоци и потпишано лично од поднесителот на Барањето или пак од овластено лице од Корисникот со нотарски заверено полномошно за физичко лице, а доколку станува збор за правно лице, законскиот застапник на правнот субјект или од лице вработено кај правниот субјект кое е овластено со полномошно од законскиот застапник со потпис,  печат и заверка од правното лице.
 
Неоком АД Скопје има право  од барателот да побара документи на увид.
 
Барателот е целосно одговорен за исправноста на поднесените документи и точноста на дадените податоци. Со поднесување на Барањето, се смета дека барателот е запознаен и ги прифаќа условите за користење на услугите на Неоком АД Скопје, утврдени со овие Општи услови.

4.2.1 Неопходни податоци за пополнување на барањето и потребни документи

Постоечките корисници кои редовно си ги намируваат финансиските обврски кон Неоком АД Скопје, за поднесување на Барање, физичките лица треба да приложат на увид лична карта, додека правните лица треба да достават копија од тековна сметка не постара од 30 (триесет) дена.

При поднесување на Барање потребно е да се приложат следните документи во оригинал:

Физички лица

а) Физички лица (државјани на Република Македонија)

  • Документ за лична идентификација (лична карта/пасош) на увид;
  • Една тековна сметка од режиски трошоци (струја, вода, парно) кои гласат на име на барателот или адреса на која се бара да се активира услугата;

 
б) Физички лица (странски државјани)

  • Важечки пасош издаден од државата чиј државјанин е барателот на увид;

 
в) Физички лица (странски државјани со престој во Република Македонија)

  • Валидна дозвола за престој во РМ или лична карта за странци издадена од МВР на РМ;
  • Потврда за вработување издадена од правното лице на РМ каде што е вработен барателот, која не е постара од 15 дена. Во издадената потврда треба да биде наведен временскиот период на важење на Договорот за работа на барателот со правното лице (издавачот на потврда);

 

Правни лица

а) Правно лице (регистрирано во Република Македонија)

  • Тековна состојба издадена од Централен Регистар не постара од 30 дена;
  • Документ за лична идентификација (лична карта/пасош) од Управителот на правниот субјект или друго лице со писмено полномошно со печат и потпис во оригинал од Управителот;
  • Извод од банка не постар од 30 дена;

 
б) Правни лица (странски државјани)

  • Банкарска гаранција, депозит или да плати авансна фактура за целокупен договор, кој би служен како гаранција за наплата на фактурите;
  • Документ за лична идентификација (лична карта/пасош) од Управителот на правниот субјект или друго лице со оригинално полномошно од Управителот
  • Извод од банка не постар од 30 (триесет) дена

 
в) Правни лица (странски државјани со седиште во Република Македонија)

  • Банкарска гаранција, депозит или да плати авансна фактура за целокупен договор, кој би служен како гаранција за наплата на фактурите;
  • Тековна состојба од Централен Регистар не постара од 30 (триесет) дена
  • Документ за лична идентификација (лична карта/пасош) од Управителот на правниот субјект или друго лице со оригинално полномошно од Управителот
  • Извод од банка не постар од 30 (триесет) дена

 
При поднесување на барање на правно лице за користење на повеќе услуги, Неоком АД Скопје има право дополнително да побара да се приложат:

  • Доказ за платежна способност издадена од банка (извештај за солвентност издаден од банката);
  • Извештај од билансот на состојба и податоци од билансот на успех (бонитет), издаден од Централен регистар за претходната деловна година;

4.2.2 Приоритетни барања

Доколку техничките можности се ограничени, Барањата поднесени во услови на елементарни непогоди, виша сила, воена и вонредна состојба, се исполнуваат по следниот редослед на доставени барања од:

  • Организации што се поврзани со здравјето или медицинската заштита;
  • Органите за јавна и државна безбедност;
  • Државната администрација;
  • Дипломатски и конзуларни претставништва;
  • Образовни институции;
  • Организации со јавни овластувања;

4.3 Постапка по поднесено барање за склучување на кориснички договор

Од денот на поднесеното барање, Неоком АД Скопје ќе му одговори на Барателот во најкраток можен рок, кој не надминува 5 (пет) работни дена.  Во овој период Неоком АД Скопје се обврзува дека ќе ги испита техничките можности за обезбедување на услугите со квалитет дефиниран во понудата и да го извести Барателот  за истото. Доколку нема техничка можност за реализација на истото, Неоком АД Скопје ќе го извести писмено Корисникот.
 
Неоком АД Скопје има право да изврши проверка на личните податоци и на платежната способност на потенцијалниот Корисник пред надлежните органи. Сите податоци потребни за утврдување на идентитетот и платежната способност на Корисникот, Неоком АД Скопје е должен да ги чува и употребува само за сопствените цели и потреби.

4.3.1 Причини за одбивање на барање

Неоком АД Скопје ќе го извести Барателот во писмена форма, доколку барањето му е одбиено, во кое задолжително ќе ја наведе и причината. Неоком АД Скопје има право да го одбие барањето доколку:

  • Барателот го нема уплатено навремено износот на побараната банкарска гаранција (депозит определен од страна на Неоком АД Скопје);
  • Барателот има претходно неподмирен долг кон Неоком АД Скопје;
  • Барателот не е платежно способен или не дава согласност за проверка за неговата платежна способност;
  • Барателот има извршено повреда на одредбите на законските регулативи и прописи на Република Македонија;
  • Барателот ја нема поднесено целосната документација за склучување на Договор според барањата на овие Општи услови или пак доколку се утврди дека поднесената документација е неважечка или пак фалсификат;
  • Нема техничка можност за исполнување на барањето;
  • Барателот не ги исполнува условите кои се наведени во овие Општи услови;
  • Барателот се наоѓа на листата за финансиски рестриктивни мерки на Управата за финансиско разузнавање.

4.4 Склучување на договор и активирање на услугите

По прифаќањето на Барањето од страна на Неоком АД Скопје, Барателот потпишува Договор, со што, барателот заснова кориснички однос со Неоком АД Скопје и станува негов Корисник. Сите права и обврски кои произлегуваат од Договорот и прилозите кон него, важат за двете Договорни страни од денот на активирање на услугите. Договорот се потпишува во лично присуство на Корисникот и овластено лице од Неоком АД Скопје и по еден примерок се издава за секоја Договорна страна.
 
Договорот  по правило се склучува на неопределено време, освен доколку Корисникот на свое барање не одбере услуга со задолжително траење (специјална понуда, промоција и слично). Во овие ситуации, Неоком АД Скопје 30 (триесет) дена пред истекот на Договорот, ќе го извести Корисникот за доколку истиот сака да го продолжи Договорот да се изјасни во дадениот рок, во спротивно услугата на Корисникот ќе биде исклучена. Во сите останати ситуации по истекот на Договорот, истиот продолжува да важи на неопределено време, со тоа што Корисникот има право во секое време да го раскине Договорот без никакви казнени пенали.
 
За да може да се користат Информатички компјутерски услуги на Неоком АД Скопје, Корисникот мора да си има обезбедено уред (smart phone, tablet, lap top, компјутер) и интернет конекција.
 
Со склучување на Договорот, Неоком АД Скопје има обврска да му обезбеди на Корисникот пристап до саканата услуга во рок од 24 (дваесет и четири) часа, по потпишувањето на Договорот, освен ако е поинаку договорено.
 
Една Информатички компјутерски услуги може да биде регистрирана само на едно лице, додека едно лице може да располага со повеќе комуникациски услуги.

4.4.1 Измени и дополнувања на договорот

Неоком АД Скопје има право да ги менува условите утврдени во Договорот по претходно известување на Корисникот, најмалку 30 (триесет) дена пред воведувањето на измените. Доколку Корисникот не се согласува со измените, во рок од 15 (петнаесет) дена има право да го раскине Договорот без обврска за наплата на казнени поени (пенали). Доколку Корисникот во дадениот рок не достави известување за раскинување на Договорот, се смета дека се согласува со предложените измени, при што извшените измени ќе се применуваат за регулирање на односите меѓу Корисникот и Неоком АД Скопје.

4.4.2 Промена на податоци

Во Договорот се внесуваат сите релевантни лични податоци кои се бараат од Корисникот и се предвидени со овие Општи услови. Корисникот е целосно одговорен за точноста и веродостојноста на сите внесени податоци во Договор кои се внесени од негова страна. Корисникот е должен да го извести Неоком АД Скопје за секоја настаната промена во податоците (точка 7.1 од овие Општи услови).

4.5  Официјален ценовник

Цените за услугите кои ги нуди Неоком АД Скопје се наведени во официјалниот Ценовник кој ги содржи стандардните услуги, месечните претплати, дополнителни услуги, цени за одржување и слично и истиот е Прилог кон Договорот. Неоком АД Скопје има право да ги менува со претходно известување на корисниците во рок не пократок од 30 (триесет) дена пред измената да стапи на сила.
 
Официјалниот Ценовник претставува составен дел на Договорот.

4.6 Дополнителни услуги

Со склучување на Договор, Корисникот стекнува право на користење и на дополнителните услуги кои ги нуди Неоком АД Скопје. Зависно од одбраната услуга, Корисникот се стекнува со право на користење на одредени дополнителни услуги. Деталите и цените како и достапноста на дополнителните услуги детално се наведени во Анексот кон Договорот. Доколку Корисникот ги користи понудените дополнителни услуги, истите ќе му бидат фактурирани во склоп на месечната фактура како засебни ставки, согласно Ценовникот.

5. Цени и надоместоци за користење на услугите

5.1 Официјален Ценовник

Сите цени за Информатички компјутерски услуги и дополнителните услуги кои ги нуди Неоком АД Скопје се наведени во официјалниот Ценовник. Истиот е објавен на страната на Неоком АД Скопје neocloud.mk.
 
Неоком АД Скопје го задржува правото да ги одредува, менува и дополнува во секое време цените кои се наведени во Ценовникот. За направените измени на цените, Неоком АД Скопје ќе ги извести своите Корисници најмалку 30 (триесет) дена пред измените да стапат на сила.

5.2 Месечна фактура

Неоком АД Скопје на Корисникот му издава месечна фактура  во која се наведени сите надоместоци детално, за пресметковниот период. Фактурата се доставува најдоцна до 15 (петнаесет) дена по истекот на месецот.
Корисникот има право да одбере како ќе ги добива месечните фактури, дали преку регуларна пошта или пак преку електронска пошта. Доколку Корисникот одбере фактурата да ја добива по електронска пошта, истата ќе му биде доставена и по пошта.
 
Фактурите Неоком АД Скопје ќе ги издава на име на правниот субјект или потписникот на Договорот.
 
Неоком АД Скопје нема да сноси никаква одговорност доколку поради пропуст на Корисникот, податоците за контакт, достава на фактура, за плаќање и слично се грешно дадени или пак во меѓувреме е настаната некаква промена во овие податоци, а за истото Корисникот не испратил никакво писмено известување.
 
Исто така Неоком АД Скопје нема да сноси никаква одговорност доколку поради грешка на Корисникот, податоците за уплата се грешно внесени или пак не е правилно раскнижен уплатениот налог. Во ваквите ситуации, Неоком АД Скопје побарувањето ќе го смета за ненаплатено, се до момент додека Корисникот не ги презентира точните податоци или оригиналниот налог за плаќање заверен од институцијата за плаќање.
 
Неоком АД Скопје нема да сноси одговорност за пропустите направени од страна на компанијата задолжена за достава на сметките на Корисникот. Доколку Корисникот не ја добие месечната фактура испратена од Неоком АД Скопје во вообичаениот рок, Корисникот има обврска да ја исконтактира Службата за грижа на корисници или да дојде во продажните салони на Неоком АД Скопје или продажните места на неговите партнери и да добие информации за износот на месечната сметка и за начинот на добивање копија од истата.
 
Непримањето на фактурата по било кој основ, не го ослободува Корисникот од обврската да ја плати месечната фактура во дефинираниот временски рок.
 
Корисникот е должен редовно и навремено да ја плаќа месечната фактура со рокот кој е наведен на истата. Плаќањето на сметката ќе се смета за извршено на денот кога е извршена уплатата, а истото може да се врши во деловните единици на Македонски пошти или во некои од деловните банки на РМ наведени на самата фактура. Корисникот ќе ги сноси сите трошоци и провизии на институциите во кои е извршено плаќањето на фактурата.

5.2.1 Содржина на месечна фактура

Месечната фактура  ги содржи следниве податоци:

  • Податоци за корисникот (име, презиме/назив, адреса/седиште)
  • Период за кој се однесува фактурата
  • Називот на услугата
  • Месечен надомест за услугата
  • Еднократен надомест (доколку има)
  • Дополнителни услуги (доколку има искористено Корисникот)
  • Дополнително искористени ресурси (доколку има искористено Корисникот)
  • Надоместок за повторно приклучување кон услугите поради заостанат долг (доколку има)
  • Корекција на претходна фактура (доколку има потреба)
  • Данок на додадена вредност
  • Казнена камата за задоцнето плаќање

5.2.2 Еднократен надомест за почетно приклучување на услугите

Неоком АД Скопје го задржува правото да наплати еднократен надомест согласно Прилог 1 кон Договорот, при почетно приклучување на услугите.

5.2.3 Месечен надоместок

Месечниот надоместок е износ што му се наплатува на Корисникот за секој месец, како надоместок за користење на  услугите, без одглед дали Корисникот ги користел или не. Со плаќањето на месечниот надоместок, Корисникот се здобива со правото на користење на основните услуги кои се утврдени во Ценовникот.
 
Месечниот надоместок започнува да се наплататува од денот на активирањето на одбраната услуга. Доколку активирањето на услугата во текот на календарскиот месец е помала од 30 (триесет) дена, месечниот надомест се пресметува за секој ден засебно.
 
Месечниот надоместок ќе се наплатува се до моментот кога Неоком АД Скопје не ги прекине услугите кон Корисникот.

5.2.4 Надоместок за повторно приклучување кон услугите на исклучен корисник поради заостанат долг

Неоком АД Скопје го задржува правото да му наплати на Корисникот еднократен надомест за повторно приклучување кон услугите, доколку претходно истиот бил исклучен поради ненавремено подмирување на заостанат долг, согласно официјалниот Ценовник.

5.3 Дополнителни услуги

Корисникот може да користи дополнителни услуги кон услугите кои ги нуди Неоком АД Скопје. Дополнителните услуги се разликуваат според одбраната услугата. Користењето на дополнителните услуги ќе биде наплатено во месечната фактура, согласно официјалниот Ценовник.

5.4 Детална сметка

Корисникот има право да побара од Неоком АД Скопје да му изготви детална сметка. Истата ќе му биде доставена во рок од 5 (пет) работни дена, од поднесувањето на Барањето. Деталната сметка може да се однесува на претходниот пресметковен период.
 
Неоком АД Скопје има право да му наплати на Корисникот соодветен надомест за исготвување на деталната сметка.

5.5 Авансно плаќање и полагање на гаранција

Корисникот има право да депонира одреден износ на средства како бескаматен аванс на жиро сметка, од која ќе се црпат средства за подмирување на обврските за плаќање кон Неоком АД Скопје. Во овој случај, наплатувањето на услугите ќе се врши со директно минусирање од депонираните средства како аванс. Корисниците можат, доколку сакаат, да платат сума како гаранција кон Неоком АД Скопје од аспект на услугите што тие ги користат.
 
Неоком АД Скопје има право да побара од Корисникот да депонира паричен износ на средства како аванс и/или гаранција, а особено по исклучување на Корисникот заради доцнење или неможност за плаќање, при склучување на Договор со Корисник што не е државјанин на РМ или со Корисник што нема соодветен доказ за платежна способност, или при невообичаено зголемено користење на дополнителни ресурси кои се нудат како дополнителни услуги кон одбраната услуга од страна на Корисникот, за кус временски период.
 
Во случај на задоцнување со плаќањето, Неоком АД Скопје може да ги користи износите (гаранцијата) за подмирување на корисничките обврски, за да не се исклучат нивните услуги. Ако гаранцијата не го покрива целиот износ што се должи, Неоком АД Скопје ќе го информира Корисникот за подмирување на преостанатиот долг.
 
Корисникот ќе му должи на Неоком АД Скопје законска казнена камата на разликата помеѓу долгот за користени  услуги и гарантираната сума ако втората е помала од првата, за секој ден на доцнење по датумот на должничките плаќања се додека плаќањето не биде извршено.
 
Гаранцијата ќе му биде вратена на Корисникот, без камата, по истекување на Договорот за користење на услугите или по доставување на соодветен доказ за неговата платежна способност, под услов Неоком АД Скопје да нема финансиски побарувања од Корисникот поради која било причина.

5.6 Камата и пресметка на законска казнена камата

Во случај на ненавремено плаќање на фактурите Неоком АД Скопје му пресметува на Корисникот законска казнена камата за секој ден на задоцнување, по стапката утврдена со закон. Законската казнена камата се пресметува за период од првиот ден по истекот на рокот за плаќање утврден во фактурата.
 
На износот на неисплатена камата ќе се пресметѕва законска казнена камата само од денот кога до судот е поднесено барање за нејзина исплата.

5.7 Одложено плаќање

Корисникот може да поднесе писмено барање до Неоком АД Скопје за плаќање на долгот на рати. Во рок од 5 (пет) работни дена Неоком АД Скопје ќе достави одговор на Барањето од Корисникот. Доколку барањето му е одобрено, Корисникот ќе биде повикан во продажните места на Неоком АД Скопје за да потпише Договор за подмирување на долг на рати. Доколку Корисникот не се придржува кон Договорот, Неоком АД Скопје своите финансиски побарувања ќе ги наплати по судски пат или други начини за присилна наплата.
 
Во текот на една година дозволено е само 1 (едно) одложено плаќање за еден ист Корисник. Не е дозволено преклопување на ратите за одложените плаќања.

5.8 Враќање на парични средства

Неоком АД Скопје ќе ги врати паричните средства во случај:

  • Aко има прекин на услугите подолг од оној кој е наведен во Анексот кон Договорот
  • Aко Корисникот има поднесено основан Приговор за утврдена неточна обработка на податоците, која има доведено до зголемување износот на искористените дополнителни ресурси и услуги

Враќањето на паричните средства се врши со пребивањена износот од наредниот месечен надоместок.

6. Прекин на пристап кон Информатичко компјутерските услуги

6.1 Привремено деактивирање на услугите кон Корисникот

Неоком АД Скопје може да прекине Услугата кон Корисникот во случај:

  • Ако Корисникот ги прекршува обврските и условите за користење на услугите наведени во Договорот, Анексите и овие Општи услови
  • Ако Неоком АД Скопје врши реконструкција, модернизација или пак одржување во случај на технички пречки или недостатоци на инфраструктурата
  • Ако прави утврдување на технички пречки или недостатоци на опремата и инфраструктурата, до отстранувањето на овие пречки, односно недостатоци
  • На ненавремено или нецелосно подмирување на месечните фактури (сметки)
  • На злоупотреба на Услугите од страна на Корисникот
  • На користење на Услугите од страна на Корисникот спротивно на применливите закони и прописи на Република Македонија
  • На користење на Услугите од страна на Корисникот кои се спротивни од намената, правилата и условите наведени во Договорот, Анексите и Општите услови

 

Услугата на Корисникот повторно ќе биде активирана кога причините за привременото деактивирање ќе престанат да постојат. Неоком АД Скопје го задржува правото на наплата на соодветниот надоместок за повторно активирање согласно Ценовникот на Неоком АД Скопје.
 
Доколку дојде до привремено деактивирање на Услугите кон корисникот поради точка 2 и точка 3 од овој член 6.1, Неоком АД Скопје ќе ги извести навремено Корисниците по електронски пат, писмено, преку медиуми или ќе објави на својата веб страна (neocloud.mk).
 
Неоком АД Скопје ќе го превземе сите неопходни мерки за прекикините да траат што е можно пократко.
 
Доколку дојде до привремен прекин на услугите настанат поради дефект за кој Неоком АД Скопје не е одговорен, за истото ќе ги извести Корисниците навремено и времето за повторно вклучување кон Услугите. Исто така Неоком АД Скопје има право да ги прекине Услугите без претходна најава доколку со користењето на Информатичко компјутерските услуги се предизвикува сериозна закана јавниот ред и мир, јавната безбедност, здравјето на луѓето и животната средина или пак се предизвикува голема материјална и оперативна штета. За ваквите прекини Неоком АД Скопје не сноси никаква одговорност кон Корисниците.

6.2 Наплата на заостанат долг

Во случај на ненавремено плаќање (доцнење) на 2 (две) месечни фактури (сметки), Неоком АД Скопје има право привремено или конечно да ги прекине услугите кон Корисникот.
 
По истекувањето на 1 (една) недела од денот кога се исклучени услугите на Корисникот, Неоком АД Скопје ќе му достави на Корисникот „Опомена“ во писмена форма за заостанатиот долг.
 
Се до конечното прекинување на услугите, на Корисникот ќе му се наплатуваат сите месечни надоместоци и останатите пропратни давачки.
 
Неоком АД Скопје има право да му пресмета на Корисникот законска казнена камата во случај на ненавремен подмирување на месечните фактури, се до денот кога Корисникот западнал во задоцнување со плаќањето.
 
Само со целосно подмирен заостанат долг, Неоком АД Скопје ќе изврши повторнорно приклучување кон Услугите. Неоком АД Скопје го задржува правото да наплати надомест за повторно приклучување, согласно Ценовникот на Неоком АД Скопје.
 
Доколку Корисникот не го плати заостанатиот долг ниту по исктекувањето на рокот наведен во „Опомената“, Неоком АД Скопје му доставува  „Последна опомена пред тужба“ во писмена форма со напомена за краен рок на плаќање на заостанатиот долг. Ако и во дадениот рок не го подмири заостанатиот долг, Неоком АД Скопје има право да го раскине Договорот со Корисникот без отказен рок.
 
Раскинувањето на Корисничкиот договор поради неплатен заостанат долг, Неоком АД Скопје ќе го изврши во период не подолг од 30 (триесет) дена од денот на исклучувањето на услугите на Корисникот за што истиот е соодветно известен. Од моментот на раскинување на Договор, Неоком АД Скопје веќе нема да пресметува и фактурира месечен надомест, но го задржува правото за наплата на договорна казна за предвремено раскинување на Договорот.
 
За наплата на заостанат долг, Неоком АД Скопје има право да ги превземе сите законски мерки за посредна или непосредна наплата на долгот, вклучувајќи и овластени агенции за наплата. Исто така Неоком АД Скопје има право да поведе постапка за присилно наплатување на долгот од Корисникот пред соодветни овластени органи (судови, нотари, извршители), вклучувајќи ја и наплатата на казнената камата и процесните трошоци.

6.3 Привремен прекин во обезбедување на услуги по барање на Претплатик (мирување)

На писмено барање од Корисникот, Неоком АД Скопје може привремено да го прекине обезбедувањето на Услугите кон Корисникот, за период не пократок од  30 (триесет) дена до 3 (три) месеци, но не повеќе од 1 (еднаш) годишно. Додека услугите се во мирување, Корисникот е ослободен од плаќање на редовниот месечен надомест. Повторно приклучување ќе биде спроведено по истекот на периодот или пред тоа со поднесување на писмено барање за активирање на услугата. По истекот на периодот на мирување, Корисникот ќе продолжи да ја користи услугата што го користел пред мирувањето, продолжена за временскиот период на мирување. Корисникот плаќа надомест за услугата согласно со интерните правила, процедури и официјалниот ценовник на Неоком АД Скопје.

6.4 Исклучување на услугите при стечај и ликвидација

Неоком АД Скопје го следи “Службениот весник на Република Македонија” и во случај на стечај, реорганизација, ликвидација или неликвидност на Корисникот, односно инсолвентност на Корисникот, ќе ги исклучи Услугите кон Корисникот, односно ќе го раскине Договорот.
 
Доколку правото за користење на услугата е пренесено на друго лице, во рок не подолг од 15 (петнаесет) дена, за истото треба да се извести Неоком АД Скопје, во спротивно услугата ќе биде исклучена.
 
Во случај на активен стечај, доколку Корисникот и понатаму ги плаќа месечните фактури (сметки), Неоком АД Скопје по барање на Корисникот ќе дозволи користење на Услугите, но под услвов истите да бидат подмирени во дадениот рок на самата фактура. Во спротивно услугите ќе бидат исклучени.

7. Останати услуги

7.1 Промена на податоците на Корисникот

Личните податоци на корисниците се чуваат, собираат, обработуваат, ажурираат и користат согласно Законот за заштита на лични податоци.
 
Корисникот е должен писмено да го извести Неоком АД Скопје во рок од 15 (петнаесет) од извршената промена, за било каква промена на податоците (име, назив, адреса, седиште статус или било кои податоци од идентификационен карактер). Сите штети, последици и одговорности кои би настанале поради непочитување на оваа одредба од страна на Корисникот, не ги сноси Неоком АД Скопје.

7.1.1 Промена на податоци во случај на развод

Во случај на развод на сопружници, услугата останува на име на носителот на Договорот, освен ако е поинаку побарано, односно се направи промена на право на користење на услугите (точка 7.1.4).

7.1.2 Промена на податоци во случај на смрт на корисникот

Во случај на смрт на Корисник, Услугата може да биде регистрирана на друго лице доколку:

  • е потесен член на семејството (брачен другар, родител, дете)
  • е еден од наследниците, во согласност (со писмена спогодба меѓу нив)
  • е лице кое живеело со Корисникот (со писмена спогодба меѓу нив официјален правен акт)
  • е лице кое има право на поседување, согласно со спогодба за грижи или како подарок
  • е лице по основа на правосилна судска постапка

Доколку проментата податоците се врши во случај на смрт на Корисникот, заедно со Барањето во прилог се доставува и правосилна судска одлука. Промената се прави во рок не подолг од 6 (шест) месеци од смртта на Корисникот.

7.1.3 Промена на податоци во случај на промена на називот на корисникот или раздвојување (правен субјект/правни наследници)

Во случај на статусни промени на правно лице, Услугите ќе се префрлат на името на правниот следбеник, само доколку биде поднесено писмено барање за истото и во прилог достави материјален доказ за промената и поврзаноста со правното лице чиј следбеник е. Во спротивно Услугата ќе биде исклучена.
 
Новоформираниот правен субјект треба да ја достави следната доклументација до Неоком АД Скопје:

  • Решение за згаснување, ликвидација на правниот субјект
  • Решение од Централен регистар за регистрација на новоформираниот правен субјект
  • Картон за депониран потпис
  • Копија од договор за деловен простор или договор за изнајмување

 
Корисникот кој е правен наследник (сукцесор), ќе биде одговорен за плаќањето на сите направени трошоци од страна на претходниот Корисник, а истите биле фактурирани, а не се подмирени од страна на Корисникот.

7.1.4 Промена на право на користење на Информатичките компјутерски услуги

Корисникот има право да направи промена на правото на користење на Информатички компјутерски услуги кои ги користи од Неоком АД Скопје, на друго лице кое ги исполнува потребните услови за засновање на Кориснички договор.
 
За да може Корисникот да ја направи оваа измена, треба да поднесе писмено Барање до Неоком АД Скопје, доказ за намирени фактури (сметки), изјава дека се откажува од своите права и обврски и изјава од идниот Корисник дека истите права и обврски ги прифаќа. Во рок од 3 (три) работни дена, Неоком АД Скопје ќе донесе писмено решение со кое ќе го извести Корисникот дали му го одобрува Барањето. Новиот Корисник ги превзема сите права и обврски под истите услови како што ги имал претходниот Корисник.
 
Неоком АД Скопје го задржува правото да му наплати еднократен надомест на новиот Корисникот за почетно приклучување кон ИКТ услугите, освен во случај ако пренесувањето на правото се врши:

  • На брачен другар или член на потесно семејство (родител, дете)
  • Во случај на смрт на Корисникот
  • Во случај на престанок на правниот субјект (ликвидација или стечај)
  • При статусни промени на правното лице (поделба, спојување, припојување)
  • Од правно на физичко лице и обратно (само во случај кога физичкото лице е основач или содружник во правниот субјект)

7.2 Промена на услугите

Доколку дојде до било каква промена на цените на услугите, начинот на наплата или било каква друга промена во условите на работење на Услугите, Неоком АД Скопје ќе ги извести своите Корисници во рок не покус од 30 (триесет) дена, преку средства за јавно информирање, својата веб страна, по посмен пат, по електронски пат или било кој друг јавно достапен начин.

8. Права, обврски и одговорности на договорните страни

8.1 Права, обврски и одговорности на Неоком АД Скопје

8.1.1 Неоком АД Скопје има право:

  • Да наплатува надомест за почетно приклучување, месечен надомест, надомест за искористени дополнителни услуги и дополнителни ресусрси, како и сите други надоместоци утврдени со официјалниот Ценовник;
  • Доколку е технички можно, Неоком АД Скопје има право да го ограничи пристапот на Корисникот, доколку континуирано доцни со плаќањето на фактурите;
  • Да го исклучи Корисникот, односно да ги прекине услугите во случај на злоупотреба или постојано одлагање или ненавремено плаќање на фактурите, или пак неисполнување на обврските и условите утврдени со овој Договор, како и негова злоупотреба;
  • Да го задолжи Корисникот кој е исклучен поради ненавремено плаќање на сметките (фактурите), покрај заостанатиот долг, да плати законска казнена камата и надоместок за повторно активирање на Информатички компјутерски услуги согласно официјалниот Ценовник;
  • Поради задоцнето плаќање и/или неплаќање на сметките да го раскине Договорот и да не му дозволи на Корисникот да склучи нов Договор;
  • Да му даде на Корисникот, во состав на одбраната услуга без надомест (бесплатно) дополнителн или дополнителни услуги;
  • Да направи краток и претходно најавен прекин на услугите поради реконструкција, модернизација одржување или попрвање и отстранување на некои технички пречки и недостатоци кај опремата;
  • Да ја прекине услугата доколку дојде до сознание дека Корисник ги користи услугите  за давање на исти Информатички компјутерски услуги, односно да врши препродажба на истите услуги кои ги обезбедува од Неоком АД Скопје, на трети лица без претходно потпишан посебен договор со Неоком АД Скопје, а притоа за истото зема одреден паричен надоместок;
  • Да ја прекине услугата доколку Неоком АД Скопје дојде до сознанија преку судски налог или преку било кој државен орган, дека услугата се користи за цели спротивни на Законите и прописите на Република Македонија;
  • Да наплати договорна казна за предвремено раскинување на Договорот, според условите наведени во Анексот кон овој Договор;
  • Да ги бара, чува, обработува, објавува, користи или да ги раменува податоците на Корисникот, заради исполнување на целите на овие Општи услови, Договорот и Анексите, согласно ЗЗЛП;
  • Да ги користи личните податоци на Корисниците за директен маркетинг на производи/услуги на Неоком АД Скопје, единствено само со нивна претходна писмена согласност;
  • Да одбие да потпише нов Договор со исклучен Корисник, во случај кога до раскинување на Договорот дошло поради задоцнето плаќање или пак неплаќање на фактурите, пред целосно да ги подмири своите финансиски обврски и задолженија према Неоком АД Скопје;
  • Да ја провери платежната способност на правното или физичко лице кое поднесува Барање за склучување на Договор;
  • Да изврши наплата на своето побарување од Корисник или пак Правен следбеник/новоформирано правно лице, согласно одредбите од Законот за облигациони односи.

8.1.2 Неоком АД Скопје има обврска:

  • Да обезбеди непрекината и квалитетна услуга согласно Договорот, Анексите, Општите услови, законите и законските прописи во Република Македонија и сите валидни договори;
  • Да обезбеди активирање и пристап до бараната услуга во рок од 24 (дваесет и четири) часа од потпишувањето на Договорот;
  • Да обезбеди активирање/деактивирање до бараните дополнителни услуги во рок од 24 (дваесет и четири) часа од поднесеното Барање;
  • Да обезбеди одржување на својата опрема и инфраструктура, со цел да се постигне непречено обезбедување на услугите;
  • Во најкус можен рок да ги отстрани сите пречки и да ги превземе сите технички мерки со кои ќе ја заштити целокупната опрема и инфраструктура од пренапони, атмосферски празнења, кражби, виша сила и слично;
  • Да обезбеди стручни служби за грижа на Корисниците со работно време 7 (седум) дена во неделата 24 часа, каде Корисниците ќе можат да се обратат за информации за услугите;
  • Да изготви детална сметка, доколку бара Корисникот со соодветен надомест;
  • Да го обештети Корисникот само доколку прекинот на услугите трае подолго од наведеното време во Анексите, во износ кој е пропорционален на деновите кога услугата не била во функција;
  • Да води евиденција за податоците на своите Корисниците согласно Законот за заштита на лични податоци и други валидни закони, прописи и акти на Република Македонија;
  • Да обезбеди неповредливост, сигурност, заштита на тајноста на податоците, заштита од повреда на личниот интегритет и воедно ќе ги чува и обработува податоците за обезбедените услуги согласно одредбите на Законот за заштита на лични податоци и други валидни прописи и акти на Република Македонија;
  • Совесно да ги разгледа сите поднесени Приговори од Корисниците и во рок од 10 (десет) работни денови/часа, да достави одговори на истите до Корисниците;
  • Да го извести Корисникот дека му следи исклучување поради неплаќање;
  • Да го приклучи Корисникот во најкус можен рок по презентирање на писмен доказ за намирен долг;
  • По писмен пат да го извести Корисникот, доколку дојде до менување на условите за користење на Информатички компјутерски услуги кои се дефинирани во овој Договор најмалку 30 (триесет) дена пред да стапат на сила новите измени;
  • Писмено ќе го извести Корисникот за било какви повреди на одредбите од Договорот и ќе му даде разумен рок за исполнување и корегирање на истите. Ваквата обврска не важи доколку Корисникот предизвикува моментална и сериозна закана по јавниот ред и мир, безбедност, здравјето на луѓето и животната средина или пак предизвика голема материјална или оперативна штета на Неоком АД Скопје;
  • Да ја достави фактурата за користење на Информатички компјутерските услуги на Корисникот, најдоцна до 15 (петнаесет) дена по истекот на месецот;
  • Да достави податоци со кои располага за Корисникот на државен орган, врз основа на доставено барање во постапка предвидена со закон, на лица со судски налог, инспектори при вршење на инспекциски надзор и други надлежни органи согласно со ЗЗЛП како и за потребите наслужбите на Неоком АД Скопје со посебни овластувања. Доколку дојде до ваква ситуација Неоком АД Скопје ќе го извести Корисникот во најкус рок дека податоците се предадени на државен орган;
  • Да ги чува податоците за фактурите за период од 18 (осумнаесет) месеци;
  • Доколку Неоком АД Скопје одлучи повеќе да не ги нуди информатичките компјутерски услуги поради било кои интерни причини, должен е во рок не пократок од 30 (триесет) дена да ги извести своите Корисници за истото и да зададе разумен временски период, кој неможе да биде помал од 30 (триесет) дена, време за кое ќе ги чува податоците на Корисникот;
  • Доколку дојде до инцидент или хаварија, Неоком АД Скопје е должен во рок 3 (три) часа да ги извести Корисниците за истиот.

8.1.3 Неоком АД Скопје нема да биде одговорен:

  • За содржината на податоците кои Корисниците ги користат со Информатичките компјутерски услуги;
  • За штетите кои ќе настанат како последица на домашни или странски прописи (акт на јавната власт), одбивање или одложување на доделувањето на официјалната лиценца, технички причини вон контрола на Неоком АД Скопје, виша сила или други настани и причини надвор од влијанието на Неоком АД Скопје;
  • Доколку дојде до прекини на услугата поради тоа што Корисникот има проблеми со својата компјутерска или друга опрема, компјутерската мрежа, нестабилност или прекин на интернет врската, апликации, виртуелна или приватна мрежа;
  • За квалитетот на услугите, доколку Корисникот нема обезбедено потребна компјутерска конфигурација, интернет конекција, соодветен интернет прелистувач;
  • За настанатите штети кои настанале при користење на услугите од страна на Корисникот, поради неможност, немарност или незнаење на соодветно користење на саканата услуга;
  • За настанатите штети и повреди доколку Неоком АД Скопје ја прекине услугата на Корисникот поради ненавремено подмирување на месечните фактури;
  • За повредата, доверливоста на податоците и последиците кои настанале доколку повредата настанала без вина на Неоком АД Скопје;
  • За непосакуван интернет сообраќај кој настанал како последица на спам, вируси, поп-ап реклами и слично;
  • Доколку дојде до било каква директна или индиректна штета на Корисникот, поврзана со загубен профит, добивка, пропуштени можности за тргување, изгубен углед и слично;
  • За точноста на податоците кои ги даваат Корисниците. Доколку адресата за достава на фактури, која ја навел Корисникот не е точна, Неоком АД Скопје не сноси одговорност доколку фактурата не биде доставена до Корисникот и истиот ќе се смета за должник;
  • За точноста на податоците при уплата. Доколку Корисникот направи грешка при пополнување на платен налог, Неоком АД Скопје не сноси одговорност. Се додека уплатата не е на сметките наведени на фактурата на Неоком АД Скопје, Корисникот ќе се смета за должник;
  • Неоком АД Скопје нема да сноси одговорност за пропустите направени од страна на компанијата задолжена за достава на сметките на Корисникот. Доколку Корисникот не ја добие месечната фактура испратена од Неоком АД Скопје во вообичаениот рок, Корисникот има обврска да ја исконтактира Службата за грижа на корисници или да дојде во продажните салони на Неоком АД Скопје или продажните места на неговите партнери и да добие информации за износот на месечната фактура и за начинот на добивање копија од истата;
  • За последиците кои би настанале, доколку Корисникот ги сподели со трети лица неговите податоци (корисничко име, лозинка и слично);
  • Во ситуации настанати поради Виша сила.

8.2 Права, обврски и одговорности на Корисникот

8.2.1 Корисникот има право:

  • Да добива непречено, ефикасно и редовно користење на услугите;
  • Да поднесе приговор против одлуките или активностите на Неоком АД Скопје во врска со пристапот или обезбедувањето на услугите, за висината на месечната фактура во рок од 10 (десет) дена од денот на доставување на фактурата;
  • Да поднесе Приговор против одлуките и активностите на Неоком АД Скопје поврзани со обезбедувањето на услугите;
  • На достапност на Службата за грижа на корисници, во врска со било каков проблем кој се однесува на користење на услугите, како и информации поврзани со самите услуги;
  • Да побара детална сметка а со приказ на поединечни податоци за сите користени услуги, во рок од 15 (петнаесет) работни дена по пристуигнувањето на фактурата, а притоа оваа информација да ја добие без никаков надомест;
  • Без никаков надоместок да добие по негово барање корисничко име и лозинка за да пријави проблеми со услугата или за поставување на прашања околу услугите до Неоком АД Скопје на порталот https://support.neocloud.mk или на бројот +389 2 55 11 111 во било кое време, 365 дена во годината;
  • Во секое време, да побара да се престане со обработка на неговите лични податоци за цели за вршење на директен маркетинг;
  • Да бара привремен прекин на обезбедување услугите (мирување), за период од најмалце 30 (триесет) дена до 3 (три) месеци, но не повеќе од 1 (еднаш) годишно. За тоа време Корисникот не го плаќа месечниот надоместок;
  • Во секое време да побара од Неоком АД Скопје да престане со обработка на неговите податоци за сообраќај заради маркетинг на своите услуги или пак обработка на личните податоци за директен маркетинг на производи и/или услуги;
  • Да го пренесе правото на користење на услугите на друго лице кое ги исполнува потребните услови за засновање на кориснички однос;
  • Во секое време да има достапност на службата за техничка поддршка за било каков проблем што се однесува на користењето на услугите;
  • Да побара и да добие информација што се однесува на цените, услугите и поволностите кои ги нуди Неоком АД Скопје;
  • Да бара фактурата да му се доставува со пратка по пошта или пак електронски на адреса која ја навел во барањето;
  • Да бара промена на пакетот согласно условите на овие Општи услови;
  • Да побара предвремено раскинување на Договорот со право на обештетување, доколку од страна на Неоком АД Скопје не ја добие бараната услуга согласно условите наведени во Договорот.

8.2.2 Корисникот има обврска:

  • Навремено ќе ги плаќа фактурираните износи за користење на услугите, во предвидените рокови, па дури и кога е поднесен приговор согласно условите наведени во точка 7.6 од овој Договор;
  • Во случај на недобивање на месечна фактура, ќе се обрати до специјализираните служби за односи со Корисници или до било кое продажно место на Неоком АД Скопје и ќе побара изготвување на истата;
  • Нема да ги открива неговите лични податоци, корисничко име, лозинка и слично на трети лица;
  • Нема да ги користи услугите за давање на исти Информатички компјутерски услуги, односно да врши препродажба на истите услуги кои ги обезбедува од Неоком АД Скопје, на трети лица без претходно потпишан посебен договор со Неоком АД Скопје, а притоа за истото зема одреден паричен надоместок.Корисникот се обврзува дека ќе ги користи услугите исклучиво за сопствени потреби како краен корисник, согласно нивната намена и согласно Договорот, Општите услови, Анексите и законите и прописите на Република Македонија;
  • Во рок не подолг од 15 (петнаесет) дена писмено да го извести Неоком АД Скопје доколку настане било каква промена во податците потребни за склучување на овој Договор и непречено доставување на известување на фактурите;
  • Ќе го почитува секое упатство, соопштение, известување или одлука дадено од страна на Неоком АД Скопје во врска со користењето на услугата;
  • Нема да превзема било какви активности кои би го нарушиле интегритетот на мрежата и инфраструктурата;
  • При раскинување на Договорот, ќе ги подмири сите пристигнати и неподмирени фактури. Барањето за раскинување на Договорот нема да биде прифатено додека не се подмират сите финансиски обврски кон Неоком АД Скопјe.

9. Собирање, чување и обработување на податоци на Корисникот

9.1 Доверливост

Со цел да им се понуди професионална и квалитетна услуга на Корисниците, Неоком АД Скопје континуирано инвестира во едукација и сертификација на своите вработени како и сертификација на самата компанија според ИСО стандарди (9001:2008; 27001:2013; 14001:2004). Неоком АД Скопје редовно врши внатрешни и надворешни контроли согласно Законот за заштита на лични податоци и ИСО стандардите (9001:2008; 27001:2013; 14001:2004).
 
На барање на Корисникот, Неоком АД Скопје се обврзува да достави информации за независни проверки и тестирања на сигурноста на сопствениот информативен систем или како алтернатива Неоком АД Скопје ќе овозможи пристап и можност за контрола до просториите, политиките и процедурите на Неоком АД Скопје на стручни и областени луѓе на Корисникот.
 
Неоком АД Скопје има право и обврска да ги собира, обработува и чува податоците на своите Корисници, согласно Законот за заштита на лични податоци (во понатамошниот текст ЗЗЛП) и други законски и подзаконски акти важечки во Република Македонија.
 
За заштита на доверливоста на податоците на Корисникот, Неоком АД Скопје ги презема сите соодветни технички и организациони мерки од неовластен пристап, обработка, чување или бришење од страна на трети неовластени лица и вработени на Неоком АД Скопје согласно применливите одредби од ЗЗЛП.
 
При поднесување на Барање за користење на услугите, Корисникот своеволно потпишува изјава со која одбира дали неговите лични податоци ќе бидат користени и обработувани согласно ЗЗЛП од страна на Неоком АД Скопје. Истата Корисникот може во било кое време да ја повлече.
 
Неоком АД Скопје нема пристап до податоците на Корисникот кои се хостирани во neoCloud услугата која ја користи Корисникот.
 
Неоком АД Скопје има право да ги користи разменува и соопштува личните податоци и податоците кои се користат со услугата на Корисникот, без негова дополнителна согласност заради исполнување на целите на склучениот Договорот, за давање на информации на надлежни државни органи во постапка пропишана со закон и други дозволени цели во согласност со применливите закони.
 
При раскинување или било какво прекинување на Договорот, Неоком АД Скопје ќе ги чува податоците на Корисникот во период од 2 (два) месеци од денот на раскинувањето. По истекот на овој рок истите ќе бидат соодветно трајно уништени, за што Корисникот ќе добие соодветен записник за предадените/уништените податоци.
 
При раскинување или било какво прекинување на Договорот, Неоком АД Скопје ќе ги чува личните податоци на Корисникот во период од 3 (три) години, а во случаи на спорови или судски постапки 1 (една) година откако ќе истече потребата за нивно користење.
 
Неоком АД Скопје нема да сноси одговорност за содржината на информациите кои се пренесуваат преку користење на Информатичките компјутерски услуги.
 
Неоком АД Скопје има право да ги користи, разменува и соопштува личните податоци и податоците кои се користат со одбраната информациска компјутерска услуга од страна на Корисникот, без негова дополнителна согласност, за давање на информации на надлежни државни органи во постапка пропишана со закон и други дозволени цели во согласност со применливите закони.
 
Неоком АД Скопје не врши пренос на податоците надвор од територијата на Република Македонија.

9.2 Директен маркетинг

Корисникот има можност да одбере дали сака Неоком АД Скопје да му доставува информации со кои се вршат активности на директен маркетинг и да прима информации за промоции, попусти, новитети и слично за услугите на Неоком АД Скопје.
 
Согласноста е составен дел од Барањето кон Договорот. Истата, Корисникот може во секое време бесплатно да ја повлече.

10. Политика на фер користење (fair use policy)

Неоком АД Скопје има право да воведе Политика на фер користење (Fair Use Policy) која е дефинирана како максимален број на дополнителни ресурси и дополнителни услуги по повластена цена, по истекот на истите Неоком АД Скопје, ќе ги пресметува согласно важечкиот Ценовник. Посебните услови за користење на политиката за фер користење на секој пакет на услуги и/или промоција ќе бидат објавени во Ценовниците за секој пакет посебно.

11. Траење и раскинување на договорот

Договорот, по правило, секогаш се склучува на неопределено време.
 
Времетраењето на услугата се дефинира во Анексите кон Договорот. Истите може да се склучат на времетраење од 12 (дванаетет) месеци, 24 (дваесетичетири) месеци, 36 (триесетишест) месеци или на неопределено време. Сите детали околу времетраењето, цените и условите за користење на услугата се дефинираат во Анексот кон Договорот.

11.1 Раскинување на договорот

11.1.1 Раскинување на договорот од страна на корисникот

Корисникот има право да го раскине Договорот лично или преку овластено лице со заверено полномошно од нотар, со пополнување на соодветно Барање, доставено до Неоком АД Скопје по писмен или електронски пат. Неоком АД Скопје ќе постапи по барањето најдоцна 15 (петнаесет) дена по поднесувањето на Барањето.
 
Во моментот на поднесување на Барање за раскинување на Договорот, Корисникот треба да ги има подмирено сите доспеани долгови за кои Неоком АД Скопје има издадено месечна фактура и месечни фактури кои се однесуваат на периодот пред раскинувањето на Договорот или се однесуваат на месечни казни (пенали) согласно одредбите на Договорот, Анексите и овие Општи услови. Правните последици од раскинувањето Договорот, настапуваат со денот кога Неоком АД Скопје го примил Барањето од Корисникот за раскинување.

11.1.2 Раскинување на договорот од страна на Неоком АД Скопје

Операторот има право да го раскине Договорот доколку:

  • Корисникот ненавремено или нецелосно исполнување на обврските за плаќање утврдени со Договорот, Анексот и Општите услови;
  • Корисникот не ги исполнува или ги прекршува обврските утврдени со Договорот, Анексот и Општите услови;
  • Корисникот ја користи истата услуга која ја зема од Неоком АД Скопје односно врши препродажба на истите услугиги кои ги обезбедува Неоком АД Скопје, за давање услуги на трети лица со земање на одреден надоместок, а без претходно да е склучен посебен Договор со Неоком АД Скопје;
  • Услугите кои ги користи, ги користи за цели спротивни на овој Договор;
  • Дојде до случај на смрт на Корисникот, доколку услугата не се пренесе на друго лице во рок од 3 (три) месеци;
  • Со судска одлука Корисникот се брише од соодветен регистар;
  • Дојде до стечај, ликвидација или неликвидност на Корисникот, а правото на користење на услугата не се пренесе на друго лице  во рок од 15 (петнаесет) дена;
  • Корисникот ги користи услугите спротивни од Законите и прописите на Република Македонија и истото е констатирано од надлежен орган;
  • Неоком АД Скопје не е во можност да ги обезбеди услугите поради дејство на Виша сила подолго од 3 (три) месеци.

12. Жалби и приговори од страна на корисник

12.1 Приговор

Корисникот има право на приговор против одлуките и активностите во врска со пристапот на обезбедување на услугите, како и поради прекршување на одредбите од Договорот, Анексот и Општите услови.
 
Во приговорот мора да се образложат на јасен и разбирлив начин факти и докази, документи со кои располага по однос на предметот на приговорот.

12.1.1 Приговор на месечна фактура

Корисникот приговорот го доставува исклучиво во писмена или електронска форма на посебен образец (support@neocloud.mk), до специјализираната служба за грижа на корисници.
 
Доколку приговорот се однесува на износот на фактурата, се до донесување на конечната одлука, Корисникот е должен да го плати месечниот надоместок. Приговорот може да се поднесе најдоцна 15 (петнаесет) дена по приемот на фактурата. По истекот на наведениот период, приговорот може да биде одбиен како ненавремен.
 
Неоком АД Скопје е должен да одговори писмено на приговорот за износот на фактурата во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на истото.
 
Доколку навремено доставениот приговор е основан, Неоком АД Скопје ќе го извести Корисникот за истото и спорниот износ ќе биде одбиен во месечна фактура за наредниот месец.

12.1.2 Приговор на услугите

Корисникот приговорот го доставува исклучиво во писмена или електронска форма на посебен образец (support@neocloud.mk), до специјализираната служба за грижа на корисници. Неоком АД Скопје на истиот ќе одговори во рок од 3 (три) работни дена.

13. Разрешување спорови

Неоком АД Скопје и Корисникот ќе се обидат спогодбено да го решат секој спор кој може да се појави од Договорот, вклучувајќи ги споровите во однос на толкување, примена и извршување на Договорот или овие Општи услови. Сепак, доколку страните не успеат да ги решат споровите на тој начин, спорот ќе биде решен од надлежен суд во Скопје.

14. Виша Сила

Настан на Виша Сила се подразбира кој било несекојдневен настан кој ќе ги оневозможи Договорните страни да ги исполнува своите обврски согласно овој Договор. Под настани на Виша сила се подразбираат настани кои се случуваат независно од волјата и активностите на Договорните страни кои неможе да се предвидат, да се спречат, избегнат или поправат.
 
Настани на Виша Сила особено ги вклучуваат (i) временски непогоди, пожар, поплава или експлозија, (ii) војна, инвазија, бунт или други граѓански немири; (iii) владини прописи, наредби, ограничувања, акции, ембарга или блокади; (iv) дејствија на кое било регулаторно тело; (v) регионална, национална или странска вонредна состојба; (vi) забрана, штрајкови, lockouts, работнички проблеми или други индустриски нарушувања; (vii) недостаток на соодветно гориво, електрична енергија, материјали, или превозни средства; или (viii) кој било друг настан кој е надвор од разумната контрола на погоденaтa Страна.
 
Ниту една Договорна страна нема да сноси никаква одговорност спрема другата Страна за каква било загуба или штета што произлегуваат од задоцнувањето или неисполнувањето на целиот или дел од овој Договор, ако таквото задоцнување или неисполнување е причинето, во целост или делумно, од настан на Виша Сила. Сепак, Страната погоденa од настан на Виша Сила ќе ги вложи сите разумни комерцијални напори да ги елиминира, отстрани или надмине сите причини на и пречки од настанот на Виша Сила.
 
Во случај настан на Виша Сила да продолжи да трае непречено во период од 3 (три) месеци или подолго, Договорната страната која не е погодена од Виша Сила може да го раскине овој Договор во целост без штетни последици во однос на истата, со писмено известување до другата Договорна страна.
 
Договорните страни ќе соработуваат на начин пропишан со соодветни законски прописи, според упатства од надлежното министерство (министерства) и акциониот план кој би се применувал во случај на Виша сила, во интерес на јавната безбедност.

15. Завршни одредби

Со потпишување на Договорот, Корисникот потврдува дека е запознаен со Општите услови на Неоком АД Скопје кои се применуваат за сите околности кои не се предвидени со Договорот. Договорот стапува на сила со денот на активирање на услугите.
 
Како составен дел на Договорот се сметаат Барањата, Анексите, Ценовникот, Општите услови и сите обрасци кои Корисникот ги пополнува поврзани со услугите.
 
Овие Општи услови важат за сите Корисници кои ги користат услугите на Неоком АД Скопје како крајни корисници и се применуваат по нивно објавување на официјалната веб страна на Неоком АД Скопје сметано со 11.06.2015-та година.
 
Неоком АД Скопје може, особено доколку тоа го налагаат пазарните услови или законската регулатива, да ги промени и/или дополни овие Општи услови, без претходна согласност на Корисникот. Неоком АД Скопје навремено ќе ги информира своите Корисници за направените дополнувањата или измени на Општите услови, согласно позитивните прописи на Република Македонија, а официјалната верзија на истите ќе биде објавена на веб страната на Неоком АД Скопје (neocloud.mk).

16. Влегување во сила

Општите услови стапуваат на сила од денот на донесување од страна на извршниот директор на Неоком АД Скопје, а ќе се применуваат од денот на нивното објавување на веб-страницата на Неоком АД Скопје. Со денот на влегување во сила на овие Општи услови престануваат да важат сите други претходно донесени Општи услови.

Log in